Локални избори 2025

ЗНАМ: Субвенции за учениците за таблет или лаптоп

23.10.2025 17:39

Субвенции за учениците за таблет или набавка на лаптоп, ветува кандидатот за градоначалник од движењето ЗНАМ за општина Центар. Димитриевски пак во Куманово ќе се залага за нови модерни урбани скверови...

Секој ученик во општина Центар ќе има можност за субвенција за таблет или лаптоп, е една од мерките за дигитална писменост, која ја предвидува кандидатот за градоначалник од движењето ЗНАМ. Според Лабудовиќ ова не е само финансиска поддршка, туку инвестиција во знаење, единица и еднакви шанси.

„Денес дигиталната писменост е исто толку важна колку и учебникот. Затоа воведуваме мерка за субвенционирање таблети и лаптопи за сите ученици од петто одделение во општина Центар. Секое дете ќе добие поддршка од 3.000 денари за таблет или 6.000 денари за лаптоп. Ова е конкретна помош за родителите, но и вистински чекор кон модерно, рамноправно и достапно образование за сите. Сакаме децата во Центар да имаат исти услови“, истакна Лабудовиќ.

Проекти за младите, реконструкција на Пионерскиот дом и модерни урбани скверови во Куманово, ветува кандидатот на ЗНАМ Димитриевски.

„Најстарите точки во градот градската џамија, старата и новата црква тоа ќе бидат модерни урбани скверови, модерни шеталишта изградени со вистински материјал кој не само ќе потсетува на стариот амбиен на Куманово туку кога секој ќе се движи по тие површини да се смета свој на своето и да се потсетува на своите стари корени, од постоењето на Куманово до ден денеска“, истакна Димитриевски.

Потсети дека се реконструирани Спортската сала и Соколана.

Елена Георгиевска