Се стега обрачот, САД со нови санкции за Русија
Американскиот претседател воведе санкции за Москва, за првпат во својот втор мандат. На удар два руски нафтени гиганти. Потегот има за цел да изврши поголем притисок врз Русија. Претходно и ЕУ го одобри 19. пакет санкции. Покрај откажаната средба Трамп – Путин, од руското МНР велат дека се отворени за дијалог со САД за Украина.

Се стега обрачот околу Москва. САД воведоа нови санкции за двете најголеми руски нафтени компании. Шефот на Белата Куќа побара земјите да запрат со купување руски енергенси со цел да се изврши економски притисок врз Кремљ. Објавата следува откако планираниот самит со Путин во Унгарија беше одложен на неодредено време.
„Ја откажавме средбата со претседателот Путин. Едноставно не ми се чинеше како што треба. Не ми се чинеше дека ќе стигнеме до местото каде што треба да стигнеме. Затоа откажав, но ќе го направиме тоа во иднина. Тоа се масовни санкции за нафтата. Двете најголеми нафтени компании, меѓу најголемите во светот се руски. Тие прават многу нафта. И се надевам дека тој ќе стане разумен и се надевам дека и Зеленски ќе биде разумен, знаете, потребни се двајца за танго“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од руското МНР со став, остануваат отворени за дијалог со САД за Украина.
„Целта е да се прецизираат дополнителни параметри на руско-американскиот дијалог за различни аспекти на билатералните односи, како и за понатамошните заеднички чекори кон украинско решавање. Веруваме дека Вашингтон ќе продолжи да ги споделува со нас своите мисли и мотиви во врска со преземените чекори“, изјави Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија.
И 19. пакет санкции од ЕУ за Русија вклучува забрана за увоз на руски течен природен гас. Брисел настојува да искористи 204 милијарди долари руски средства за кредит за Украина.
„Многу сме среќни поради сигналите што ги добиваме од Америка во врска со санкциите во. Мислам дека е важно, знак на сила, што сме усогласени тука. Русија е одговорна за штетите предизвикани во Украина и мора да ги плати тие штети и замрзнатите средства што ги имаме и заемот за репарација врз основа на тоа, за Украина да се одбрани“, изјави Каја Калас, потпретседателка на Европската комисија.
Во пресрет на утрешниот состанок на Коалицијата на подготвените, украинскиот претседател одново ја истакна подготвеноста за дипломатија, но не под услов Украина да мора да се повлечеме од сопствената територија.
„Прекин на огнот е можен, секако, и мислам дека на сите ни треба прекин на огнот, но ни треба поголем притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Војната продолжува долж линијата на фронтот. Москва, одново го нападна Киев со беспилотни летала.
Маријана Димовска
