Легализирани 100.000 дивоградби

31.08.2014 16:56

Најголем број запишани решенија за легализација на дивоградби има во Прилеп 8230, а во Скопските општини легализирани се 32 710 објекти...

Наташа Муртановска го прими 100 000 –то решение издадено од Агенцијата за катастар на недвижности за легализација на нејзиниот семеен имот. Барањето го поднел нејзиниот татко. Среќни се што конечно добија тапија за својот имот, дивоградба стара 30 години.

„Постапката траеше четири години од започнување на процесот на легализација. Куќата е стара 38 години, толку долго беше дива градба и конечно стана легална“, вели Наташа Муртановска.

Со законот за заклучување на стечајните постапки, Агенцијата за катастар, на барање на стечајните судии, изготвува геодетски елаборати за легализација на објектите на правните лица. По овој основ, досега се изготвени 516 елаборати. Им се излезе и во пресрет на социјално загрозените. За нив бесплатно се изработуваат елаборати. Досега се поднесени 120 барања. Министерот Јанакиески задоволен од досегашниот тек на легализација на дивоградбите.

„Ова значи дека некаде една третина од вкупно поднесените предмети во Република Македонија во процсот на легализација се веќе легализирани. Уште еднаш ќе ги повикам сите граѓани и компании до 31.12.2015 година да ги поднесат геодетските елаборати за да можат и нивните објекти да се легализираат како што се легализираат сите овие 100 илјади објекти“, рече Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Најголем број запишани решенија за легализација на дивоградби има во Прилеп 8230, а во Скопските општини легализирани се 32 710 објекти.

Билјана Јанакиеска