Локални избори 2025

Далипи: Не се откажувам, ќе бидам градоначалник на Струга

23.10.2025 18:20

Кандидатот за градоначалник на Струга од коалицијата Национална алијанса за интеграција, Арсим Далипи, на прес-конференција ги отфрли шпекулациите дека наводно ќе се откаже од кандидатурата. Порача дека битката за градоначалник продолжува и дека очекува да има поддршка од граѓаните.

Резултатите од првиот круг на локалните избори јасно покажуваат дека Националната алијанса за интеграција е првата политичка сила во општина Струга. Ова на прес конференцијата го рече кандидатот за градоначалник на НАИ, Арсим Далипи, при што посочи дека изборот на осум советници е силен показател на довербата што граѓаните ја изразиле кон нив. Оваа победа во општинскиот Совет, заедно со 9.719 гласови за мојата кандидатура рече тој, не обврзува уште повеќе да продолжиме со посветеност и сериозност да ја водиме Струга кон вистинска промена.

„Ние силно продолжуваме во вториот круг, со уште поголема енергија и уште поголема посветеност. Оние што секојдневно го покажуваат својот страв од поразот што им претстои очајно шират ниски пропаганди дека наводно јас ќе се повлечам од трката. Мојот противкандидат имаше можност да го прифати мојот предизвик до моментот на изборниот молк, но тој не го прифати“, изјави Арсим Далипи – кандидат за градоначалник на Струга од Националната алијанса за интеграција.

Немам ниту една причина да се повлечам од трката рече Далипи, напротив ги имам сите причини да продолжам со силна енергија, со уште поголема поддршка и со целосна верба во мојата победа. Тој најави дека во наредните денови ќе биде на терен, покрај граѓаните при што вети дека ќе останат верни на сите оние коишто безрезервно ги поддржале.

Сашо Нелоски