Скопје

Алармантна состојбата со сметот во Скопје

23.10.2025 20:19

Метрополата се соочува со сериозна комунална криза, полни контејнери во општините во и околу централното градско подрачје, обвинителството истражува, се чека помош за чистење од други градови по вонредниот состанок на ЗЕЛС. Но граѓаните сега мака мачат со глодарите, кои се појавија низ градот, епидемиолози предупредуваат дека ситуацијата станува сериозна по здравјето на жителите.

Метрополата мака мачи со сметот покрај контејнерите. Непријатна миризба, комунален хаос. Сериозна закана за здравјето на жителите .

Екипата на Mакедонската телевизија направи обиколка низ Скопје, сликата за нијанса променета низ булеварите. Преполни контејнери во и околу нив особено по споредните улици.

Дел од локалните власти ги засукаа ракавите, дел во кампања, дел со обврските кои ги имаат. Камиони и механизација за расчистување на отпадот од други градови, но и загрижени граѓани за своето здравје.

Оваа слика веќе не е прашање на естетика, туку прашање на јавно здравје – загрижени и граѓаните. Ѓубрето ги раздвижи и глодарите. А тие се преносители на заразни болести. Од Институтот за јавно здравје побарале експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и епидемиолошки мерки, врз основ на доставени записници и докази за фактичката состојба на терен од инспекторатите.

Обвинителството ја чешла работата на Град Скопје и Комунална хигиена. Одземена е документација под сомнение за сторени кривични дела оттаму соопштија, дадени се наредби и веќе постапува МВР и инспекциските служби.

Инспекциите доаѓаат откако Владата задолжи неколку институции да го проверат работењето на Kомунална хигиена и градот Скопје.

Ана Јосифоска