Украина

Европските лидери се согласија за финансиска поддршка на Украина во следните две години

24.10.2025 11:54

Европа ја продолжува поддршката за Украина. Во Брисел постигнат договор за финансирање на земјата во наредните две години. Денеска во Лондон – состанок на коалицијата на подготвени. Рускиот претседател санкциите од САД ги нарече непријателски потег. Во момент на засилени тензии, Литванија потврди дека руски воени авиони го нарушиле воздушниот простор.

Европските лидери се согласија да одговорат на итните финансиски потреби на Украина во следните две години, но нема договор за замрзнатите руски средства. Од Европскиот совет велат дека никој не ставил вето и намерата е да продолжат со плановите за користење на милијарди долари замрзнат руски капитал и покрај сомнежите за последиците од таков чекор. Денеска во Лондон – состанок на коалицијата на подготвени за поддршка на Украина.

„Украина ќе ги има средствата што и се потребни за да продолжи да се бори за праведен и траен мир, за одбрана од руската агресија“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

„Ќе продолжиме да вршиме притисок врз Русија онолку долго колку што е потребно за да се обезбеди крај на убивањето и праведен и траен мир“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Во екот на се засилени напади во Украина, ЕУ и САД воведоа нови санкции за Русија. Според Путин акциите на Вашингтон се непријателски потег што би можел да се врати како бумеранг.

„Ова е непријателски чин кон Русија. Очигледно е. Не помага во зајакнувањето на руско-американските односи кои штотуку почнаа да се опоравуваат. Таквата акција на американската администрација сигурно ќе им штети на односите меѓу Русија и САД“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.

Во момент на засилени тензии, Литванија потврди дека руски воени авиони го нарушиле воздушниот простор. Балтичките земји стравуваат дека руската агресија може да има пошироки безбедносни последици.

„Остро го осудувам неодамнешното нарушување на литванскиот воздушен простор од страна на борбен авион и транспортно возило на Руската Федерација, од регионот Калининград. Ова е сурово кршење на меѓународното право и територијалниот мир на Литванија и ние мора да реагираме на ова“, изјави Гитанас Науседа, претседател на Литванија.

Европската унија планира да изгради „ѕид од дронови“ до 2027 година како дел од новата одбранбена стратегија против заканите од Русија. Проектот вклучува дрон-технологија, воздушен и вселенски одбранбен штит.

 

Маријана Димовска