Кандидатите од СДСМ во Валандово и Аеродром ја побараа поддршката од граѓаните
Кандидатот за градоначалник на Валандово од СДСМ, Перо Костадинов побара валандовчани со него да го продолжат патот на успешна општина, додека пак кандидатот за градоначалник на Аеродром од оваа партија, Александар Трајановски повика аеродромци да гласаат за промени и за подобра општина...

Да го продолжиме прогресот и развојот на Валандово, бидејќи докажавме дека во изминатите осум години ја сменивме на подобро сликата како за градот Валандово така и за населените места. Вака ни изјави кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ за општина Валандово Перо Костадинов кој влезе во вториот круг од локалните избори. Од нетранспарентна општина во која се закануваше отворање на рударско окно, успеавме Валандово да биде најотворената општина во која зелената економија е приоритет.
Успеавме секој граѓанин да биде на прво место, така ќе биде и во наредните четири кажа Костадинов кој најави изградба на градски базен, нов парк, нов спортско рекреативен комплекс. Костадинов вели дека фокусот повторно ќе биде граѓаните преку зголемување на субвенциите за новороденче, прваче, за отпочнување бизнис, за пензионери.
Гласот на аеродромци ќе ни биде приоритет во нашето работење. Вака вели кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од редовите на СДСМ Александар Трајановски. Според него во ова општина потребни се промени кои ќе бидат во интерес на граѓаните. Срамота е општина со над 100 илјади жители сè уште да нема своја општинска зграда, вели кандидатот за градоначалник Трајановски. Со оглед дека бројот на жителите се зголемува, вети изградба на нови две градинки, подигање на монтажни катни гаражи, паркови. Тој најави и одговорност за Вардариште.
Кандидатите за градоначалници на Валандово и Аеродром од редовите на СДСМ Перо Костадинов и Александар Трајановски ги повикаа граѓаните на овие две општини на втори ноември да излезат масовно. Во Валандово да го продолжат успешниот пат на оваа општина, а во Аеродром да се случат промени кои ќе донесат подобра општина со решени комунални и инфраструктурни проблеми.
Ване Трајков
