Тримесечна специјализирана обука за Кузмановски, доколку сака да ја обнови лиценцата за работа
Доктор Иван Кузмановски ќе треба да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор за да може да ја обнови лиценцата за работа. Ваква одлука донесе Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора...

Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, доктор Иван Кузмановски ќе треба да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор, за да може да ја обнови лиценцата за работа. Ваква одлука донесе Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора. Оттаму велат дека за да се гарантира заштитата на пациентите и интегритетот на лекарската професија, д-р Кузмановски по обуката ќе подлежи и на испит за детална проверка на неговите стручни знаења и способности.
„Бидејќи во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата, комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација“, објаснуваат оттаму.
Комората сè уште ги очекува извештаите на комисиите формирани од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, формирани по објавеното скандалозно видео од докторот.
