Заокружена најнеизвесната туристичка сезона
Најнеизвесната туристичка сезона на охридското крајбрежје сепак беше заокружена успешно. Aко во јули лошите временски услови придонесоа бројот на домашните туристи да биде помал од лани во август убавото време овозможи да се исполнат капацитетите и сезоната да биде продолжена за десеттина дена. На тој начин, но и со зголемениот број странски туристи беше надополнето пропуштеното на стартот од летото.

Иако шпицот на летната туристичка сезона започна далеку под очекувањата кога се работи за домашните туристи и гостите од соседните држави, во август се случи неочекуван пресврт. Сместувачките капацитети беа преполни од Илинден до 25-ти август, што значи дека сезоната беше продолжена за десеттина дена, што заедно со зголемениот број на странски туристи придонесе да биде надополнето пропуштеното во јули.
„Туроператорите кои работат со чартер летовите на охридскиот аеродром од земјите на Бенелукс го задржаа минатогодишниот континуитет,а дури имаме и едно зголемување кое се движи помеѓу 4 и 7 проценти,но тие ќе продолжат да доаѓаат до средината на октомври“, вели Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.
За да се избегнат се понеизвесните сезони поради големата конкуренција на европските туристички пазари експертите сметаат дека треба да се освојуваат нови пазари, при што ќе се потпишат договори со туроператори под слични услови како оние што им се понудени на холандските.
„Сметам дека пазарот треба да биде димензиониран пред се во рамките на Централна Европа,како најцелна група или најцелен простор,а исто така е неопходно покрај балканските земји во овој контекст да се опфатат и западноевропските земји“, проф. д-р Науме Мариноски.
На тој начин како што рече Мариноски ќе биде избегната опасноста од нагло намалување на бројот на странците кога холандскиот пазар ќе се презасити од Македонија.
Оваа туристичка сезона е зад нас,но ако сакаме идната да биде подобра според експертите мора уште сега да се работи на стратегија за привлекување на странски туристи.
Сашо Нелоски
