Помошта за заштита на Украина од идна руска агресија - тема на состанокот меѓу Зеленски и Стармер
Помошта за Украина под прашање. Зеленски и Стармер бараат решенија. Белгија бара европски гаранции пред да се одобри заемот од замрзнатите руски пари.

Помош за заштита на Украина од идната руска агресија, како и зголемување на притисокот врз Путин – тема на состанокот меѓу Зеленски и Стармер. Украинскиот претседател оствари трета средба и со Кралот Чарлс Трети во замокот Виндзор пред состанокот со коалицијата на подготвените во Лондон.
„Повторно ја потврдуваме нашата поддршка за вас и Украина и нашата апсолутна посветеност за справувањето со предизвикот на руската агресија. И додека вие го сигнализиравте патот за напредок и покажавте подготвеност, храброст и решителност, она што го видовме од Путин е апсолутна неподготвеност за ангажирање и континуирани напади врз цивили и деца“, изјави британскиот премиер, Кир Стармер.
„Се согласувам со вас-Путин не покажува дека сака да ја запре војната. Нè турка кон хуманитарна катастрофа со напади врз енергијата, врз гасот, врз снабдувањето со вода. Благодарен сум за денешниот состанок со кралот Чарлс трети и што не сме сами во оваа ситуација од самиот почеток на војната. Ви благодариме што останувате со нас“, истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Европските лидери согласни да одговорат на итните финансиски потреби на Украина во следните две години, но нема договор за замрзнатите руски средства. Од Европскиот совет велат дека никој не ставил вето и намерата е да продолжат со плановите за користење на милијарди долари замрзнат руски капитал и покрај сомнежите за последиците од таков чекор.
„Украина ќе ги има средствата што и се потребни за да продолжи да се бори за праведен и траен мир, за одбрана од руската агресија“, рече Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Во екот на се засилени напади во Украина, ЕУ и САД воведоа нови санкции за Русија. Според Путин, акциите на Вашингтон се непријателски потег што би можел да се врати како бумеранг.
„Ова е непријателски чин кон Русија. Очигледно е. Не помага во зајакнувањето на руско-американските односи кои штотуку почнаа да се опоравуваат. Таквата акција на американската администрација сигурно ќе им штети на односите меѓу Русија и САД“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
Европската унија планира да изгради „ѕид од дронови“ до 2027-ма година како дел од новата одбранбена стратегија против заканите од Русија. Проектот вклучува дрон-технологија, воздушен и вселенски одбранбен штит.
Катерина Бојаџиева
