Потврден притворот на шест лица за случајот со прилепската болница
Прилепскиот суд денеска ги отфрли жалбите и го потврди притворот за шест лица во случајот со прилепската болница која со повеќе кривични дела и злоупотреби на јавни набавки била оштетена за околу 700.000 евра. Обвинителството води истрага за вкупно 32 лица. Болницата функционира непречено со долг од 100 милиона денари...

Прилепскиот суд ги отфрли жалбите и го потврди притворот до 30 дена за шестемина во случајот со болницата. Осомничените, четворица од болницата и двајца надворешни, остануваат во притвор во Битола и во Шутка.
Според бранителите на притворените, нема основи за притворот.
Прилепското основно обвинителство спроведува истрага за вкупно 32, од кои 7 правни лица, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреби при јавни набавки, злоупотреба на службената положба и за фалсификување и уништување деловни книги со што е оштетен буџетот на болницата за околу 700.000 евра.
Против 19 лица има мерка за претпазливост, а за 7 фирми од повеќе градови за забрана при постапки за јавни набавки.
Истрагата на обвинителството е во тек.
Елизабета Митреска
