ИЈЗ: Да се прогласи итна мобилизација за чистење околу училиштата и болниците, со цел да не се шири заразата
Ситуацијата со отпадот во главниот град е алармантна, велат од Институтот за јавно здравје. Бараат да се прогласи итна мобилизација за чистење околу училиштата и болниците, со цел да не се шири заразата. ИЈЗ денеска излезе со низа мерки откако Обвинителството побара да се спроведе инспекциски надзор за ситуацијата со насобраниот смет...

И покрај натрупаниот смет, епидемиолошката состојба во главниот град е стабилна, но опасноста демне, постои инкубациски период, велат лекарите.
Од Институтот за јавно здравје излегоа со препораки, работниците коишто го собираат сметот мора редовно да се вакцинираат од хепатит А, хепатит Б, тифус и други заболувања коишто би можеле да ги добијат на своето работно место и да бидат заштитени со маски и ракавици.
Во училиштата и домовите да се стават дезинфекциски бариери и редовно да се мијат рацете. Да се внимава на домашните миленици. Општините да направат дезинфекција и дератизација.
Градоначалниците се мобилизираа да го собираат отпадот. ЈП „Комунална хигиена“ велат дека и тие се на терен и собираат отпад. Од Управниот одбор на претпријатието преку соопштение ги отфрлаат сите тврдења дека го блокирале работењето на претпријатието и информираат за нивните заложби за решавање на проблемите во „Комунална хигиена“.
Наташа Јанчиќ – Менковски
