Авиосообраќај

ССКЛ: Имаме право на штрајк, ќе ја обжалиме одлуката на Граѓанскиот суд

24.10.2025 18:03

Струковиот синдикат на контролорите на летање (ССКЛ) демантира дека во било кој исказ, изјава или писмена форма, дадена од било кој член на ССКЛ — вклучувајќи го и претседателот на синдикатот, Александар Тасевски — е изнесено признание дека најавениот штрајк е незаконит или дека сме постапувале спротивно на закон.

Струковиот синдикат на контролорите на летање (ССКЛ) демантира дека во било кој исказ, изјава или писмена форма, дадена од било кој член на ССКЛ — вклучувајќи го и претседателот на синдикатот, Александар Тасевски — е изнесено признание дека најавениот штрајк е незаконит или дека сме постапувале спротивно на закон.

„Наводите објавени од страна на М-НАВ АД Скопје дека претседателот на ССКЛ признал дека штрајкот што го најавил е незаконски се целосно невистинити и претставуваат обид за манипулација со јавноста. Целта на овие изјави е да се дефокусира вниманието од реалниот проблем кој трае континуирано од 2023 година, а кој актуелниот менаџмент нема капацитет ниту волја да го реши. Со овие дезинформации се врши свесна штета врз угледот на ССКЛ и на неговото раководство, кое во изминатиот период единствено и доследно се залага за почитување на професионалните и работничките права на контролорите на летање во Република Северна Македонија“, стои во демантот.

Од синдикатот најавија дека ќе продолжат да ја докажуваат вистината, и пред медиумите и пред институциите.

„ССКЛ ја обжали одлуката на Основниот граѓански суд Скопје со која се изрекува привремена мерка за забрана на штрајкот, а ние истата ја почитуваме, кое не значи дека со тоа потврдуваме дека најавата за штрајк е противзаконита и нелегитимна. Воедно напоменуваме дека за легитимитетот и уредноста на најавата и одржувањето на штрајкот постојат бројни писмени докази, кои се веќе доставени до Основниот граѓански суд Скопје. Да беше одржано рочиштето закажано за 17.10.2025 година, овие докази ќе беа јавно изложени и разгледани, но наместо тоа, судот донесе решение за времената мерка еден ден порано, на 16.10.2025 година, без да им даде можност на тужените да се произнесат и да ги приложат своите аргументи. И не само што ние како странка во постапката не добивме можност да се произнесеме по наводите од тужбата, туку и јавноста остана лишена од вистинската слика за настаните, бидејќи ниту еден медиум не добил пристап до оригиналните документи кои ја потврдуваат законитоста на најавениот штрајк кое и воопшто не треба да е фокус на медиумите во овој момент“, се наведува во демантот на ССКЛ.

Оттаму укажуваат дека е недозволиво и недопустливо во јавноста да се пренесуваат искази вадени од контекст, без писмена поткрепа и без проверка на фактичките докази.

„ССКЛ располага со автентични документи кои ја потврдуваат вистината, и затоа апелираме до сите медиуми и јавни институции кои сакаат да ја претстават реалната состојба — да ги побараат овие докази и да известуваат објективно и професионално“, велат од синдикатот.