Македонија

Алармантна состојбата на Преспанското Езеро

26.10.2025 16:30

Експертите од поодамна го запалија црвеното светло поради состојбата во која се наоѓа Преспанското Езеро. Велат дека сликата е тажна, бидејќи вода има се помалку, загадувањето е зголемено, а од некогашните бистри води не останало ништо, поради што видливоста е сведена на само два метри. Бараат изготвување на стратегија за спас на езерото и живиот свет што опстојува во него.

Во моментов Преспанското Езеро изгледа тажно. Нивото е многу ниско што предизвикува намален квалитет на водата, а видливоста е на максимум два метри. Ако се знае дека транспарентноста на Охридското Езеро е дваесет и два метри во зимскиот период, тогаш станува јасно дека Преспанското се наоѓа во многу лоша состојба, што негативно влијае врз живиот свет кој опстојува во него.

„Како и за луѓето, ако зборуваме питка вода треба да биде, треба да биде бистра, треба да биде чиста, треба да знаеме дека можат да ја користат истите живи организми кои живеат во едно водно тело. Но, во моментов, верувајте дека присуството на органска материја, можеби ќе се снајдат за храна, но треба да ја видат храната за да ја внесат“, изјави Душица Илиќ Боева – Хидробиолошки завод Охрид.

За нуркачите е предизвик да се нурка во Преспанското Езеро поради малата видливост, бидејќи дознаваат дека стигнале на дното од езерото дури откако ќе го допрат.

„Се соочивме со доста негативни услови, се под три или пет метри длабочина е веќе тотална темница, езерото изумира. Во минатото беше доста подобро. Пред пет, шест години имавме нуркано таму, беше речиси нормално во тој период. Сега условите кои се на Преспанското Езеро се речиси само за единките кои живеат таму“, вели Јован Секулоски – меѓународен нуркачки инструктор од нуркачки вентар „Амфора“.

Боева упати апел за изнаоѓање решение за спас на Преспанското Езеро, за што најпрво е потребно да се изработи стратегија во што ќе се вклучат сите надлежни институции.

Според неа едно од можните решенија е она што беше применото на Дојранското Езеро, при што би се изнашле изворишта чија вода ќе се насочи во езерото.

Сашо Нелоски