Аерозагадување

Грејната сезона носи големо аерозагадување

25.10.2025 16:28

Со стартот на грејната сезона, се вклучува алармот, мерните станици регистрираат високо аерозагадување. Главните причини за лошиот квалитет на воздухот на брегот на Охридското Езеро се огревното дрво и депониите.

Со стартот на грејната сезона и охриѓани и стружани дишат загаден воздух. Концентрацијата на штетните ПМ 10 честички се менува од час во час, но во ноќните часови на брегот на Охридското Езеро редовно се регистрира високо до енормно загадување. Изминативе денови нивото на штетните честички беа тројно повисоки од дозволените.

Според еколозите, главна причина е огревното дрво и депониите во регионот.

„Да се загради, да се осветли, да се постојано потрупува со земја, да има луѓе коишто ќе прават надзор, да се направи противпожарен коридор, како се нарекува, околу депонијата, околу ѓубриштето, за да нема ризик од проширување на, да кажеме, евентуален пожар кон околните шуми“, вели Драгана Карашова од „Збогум Буково“.

„Последиците се огромни. Допрва ќе ги чувствуваме и веќе ќе ги чувствуваме. Тоа е навистина голем проблем, особено во последните години. Мислам дека секој од нас треба да биде свесен за последиците“, вели Ангела Тасеска од невладината Биодиверзитет за сите.

Голем дел од граѓаните се греат на дрва, велат тоа им е најисплатливо поради високите цени на електричната енергија.

„Ние се грееме на дрва. Многу е потешко на дрва. Палиш шпорет, чистиш оџак, скапи се дрвата за сечење, за качување, ние на втор спрат сме горе да качиш со кофи, да креваш, а имаме и друга опција со струја. Меѓутоа, знаете како е цената, така да се грееме повеќе на дрва“.

„На дрва“

„Скапа е струјата, ако ги земеш дрвата и други работи, ќе дојдат танте за танте. Исто е, ова е почисто“

„Па да ти кажам, право, за добар живот и за дишење дрвото e подобро“.

„Да, исплатливо е пошто се грееме на дрва, Сега се грееме на струја“

„И како си навикнат да го помини зимата. Мислам, на поладно, на потопло“

„Со штедење, да“.

Според експертите, врз квалитетот на воздухот влијание има урбанизација, сообраќајот и намалувањето на зелената инфраструктура. Општина Охрид изработи план за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, предвидени се голем број мерки, но решението е гасификација.

 

Соња Рилковска