Локални избори 2025

Кандидатите за градоначалник од СДСМ во Дојран и Аеродром со презентација на програмите

25.10.2025 17:00

Кандидатот за градоначалник на Дојран од СДСМ, Ристо Џинев побара дојранчани да му ја дадат довербата за да оваа општина стане туристички препознатлив центар, додека пак кандидатот за градоначалник на Аеродром од оваа партија, Александар Трајановски, повика аеродромци да гласаат побезбедна почиста и похумана општина Аеродром...

Развој на туризмот, угостителството и унапредување на хигиената. Тоа се трите постулати на мојата програма врз основа на која ќе го развиваме Дојран во наредните четири години. Вака вели кандидатот за градоначалник на оваа општина од редовите на СДСМ Ристо Џинев. Смета дека во вториот круг ќе ја добие довербата на дојранчани оти неговата програма е реална и остварлива како за Стар и Нов Дојран така и за населените места, вели дека не се служи со уцени, закани и лаги туку со својата чесност посветеност и одговорност ќе даде се Дојран да стане препознатлив туристички центар а дојранчани да имаат развиена и уредена општина. Тој во својата програма најави и неколку капитални проекти.

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од редовите на СДМС Александар Трајановски подвлече дека неговата програма се заснова на подобар, похуман и побезбеден живот на сите жители во општината. Во населбата Лисиче најави реконструкција на градинката, повеќе зеленило, урбана опрема, поголема хигиена и безбедност но ќе има и субвенции за еколошки системи за затоплување на домовите. Во Горно лисиче ќе изработат нов ДУП а ќе биде поставена и нова атмосферска канализација и ќе се најде ефикасно решение за дивите депонии. Трајановски најави велосипедска патека меѓу Горно и Долно Лисиче.

Кандидатите за градоначалници на Дојран и Аеродром од редовите на СДСМ Ристо Џинев и Александар Трајановски ги повикаа граѓаните на овие две општини на втори ноември да излезат масовно на избирачките места. Да гласаат за Дојран биде развиен туристички центар и уредена општина, а Аеродром да биде почиста, побезбедна и похумана каде секој дел од општината ќе добие рамноправен третман и реални решенија за проблемите на граѓаните.

 

Ване Трајков