Локални избори 2025

Дојран да блесне како никогаш досега – порача кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Тентов

25.10.2025 18:19

„Современ патриот е секој кој добил доверба од граѓаните и работи напорно, чесно и трудољубиво во корист на народот“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митинзите во Дојран и Валандово. Тој оцени дека во првиот круг на локалните постигнале историски успех и резултат. Мицкоски за неговите кандидати за градоначалници рече дека многу работат, а помалку зборуваат. Камчев и Тентов ја претставија програмата, ветија обнова на Валандово и на Дојран и подобра иднина за жителите на овие општини...

Да се обнови се што досега со години било запоставувано, секоја уличка, секој парк, секој јавен објект кој го користат валандовчани – вети кандидатот за градоначалник на оваа општина, Ѓоко Камчев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Нови паркови за најмладите, реконструкција на водоводната мрежа во сите населени места, придвижување на економијата со два нови инвеститори кој вкупно би вработиле над 250 луѓе е визијата на Камчев во наредните 4 години. Црната кампања која ја водеше опозицијата-вели тој ја извртува вистината на сето она што не е направено, на според него ситните козметички поправки на неколку улици, запуштените паркови сметот по улиците.

Дојран да блесне како никогаш досега – порача кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Илија Тентов, додаде „гласајте за иднината на вашите деца, младите да останат во својот град, во својата држава, да останат свои на своето“. Понуди почисто езеро, почисти улици, поголеми инвестиции за вистинска шанса. Од своите сограѓани побара масовно да излезат да гласаат за работа и сигурност, чест и достоинство, да гласаат за подобра иднина.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со недвосмислена поддршка на кандидатите. Чесни луѓе, патриоти кои многу работат, а помалку зборуваат. Подготвени да се соочат со предизвиците, луѓе кои имаат визија и енергија да го остварат ветеното-вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја нагласи историската победа на партијата и коалицијата која ја предводи. 33 градоначалници во првиот круг, во две општини градоначалници на кои кандидатите веќе им ја признаа победата и уште 14 кандидати со убедливо водство пред своите политички противници. Тој истакна дека годините кои следат ќе бидат со многу предизвици, но сплотени ќе можат да се соочат со сè. Изминативе година и половина Владата решаваше проблеми кои се поголеми и побројни од што претпоставувале.

Мицкоски повика на масовен одзив на вториот круг локални избори на 2-ри ноември, и победа во 58 општини, со цел да се заокружи процесот на реформите и подобра иднина за сите граѓани.

 

Марина Стојанова-Тонева