И оружје и дипломатија за војната во Украина
Зеленски беше во Лондон на разговори со дваесетина европски лидери кои ветија воена помош за заштита на неговата земја. НАТО категоричен – поддршката на Алијансата за Украина дава јасни резултати на бојното поле...

„Коалицијата на подготвените“ е решителна финансиски да ја погоди Русија за да го доведе Путин на преговарачка маса и да ја прекине војната во Украина. Зеленски беше во Лондон на разговори со дваесетина европски лидери кои ветија воена помош за заштита на неговата земја од идна руска агресија и вршење политички и дипломатски притисок врз Москва во соработка со САД.
„Прво, ќе дејствуваме за да ја отстраниме руската нафта и гас од глобалниот пазар. Минатата недела Велика Британија стана првата земја што воведе санкции врз сите руски нафтени големи компании. САД дејствуваа решително за да ни се придружат, заедно со дополнителните санкции од ЕУ и ние го задушуваме финансирањето за руската воена машинерија.“, изјави Кир Стармер - британски премиер.
„Русите спроведуваат кампања на терор против нашиот енергетски систем и навистина сакаат зимскиот студ да го направат алатка за мачење и притисок врз Украина. Целта на Русија не се променила-тие сакаат да нè скршат и прават сè за да го постигнат тоа.“, изјави Володимир Зеленски – украински претседател.
НАТО категоричен – поддршката на Алијансата за Украина дава јасни резултати на бојното поле, а американските тарифи вршат дополнителен притисок врз Русија.
„Украина продолжува храбро да се брани, а нашата поддршка за нив функционира. Вистината е дека на Путин му снемуваат пари, војници и идеи. И сега е вистинското време да се зголеми притисокот врз Русија за конечно да можеме да добиеме фер и праведен мир за Украина.“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.
Специјалниот пратеник на Кремљ за економски прашања на средба со колегата Виткоф – изрази увереност дека Москва и Вашингтон се блиску до дипломатско решение за прекин на војната. Тој тврди дека сè уште има шанси да се одржи новиот состанок Трамп – Путин.
„Ќе го продолжиме дијалогот со американската страна, јасно пренесувајќи го ставот на Русија-дека националните интереси на земјата мора да се почитуваат. Тие санкции, непријателски мерки, нема да имаат апсолутно никакво влијание врз руската економија. Исто така е многу важно да се знае дека Украина е таа што ги одложува преговорите и за жал, го нарушува дијалогот што е неопходен.“, изјави Кирил Дмитриев – специјален пратеник на Кремљ за економски прашања.
Во меѓувреме, Русија повторно го нападна Киев со балистички ракети – има жртви и ранети.
Катерина Бојаџиева
