Рак на дојка

Зад розовите панделки стојат вистински приказни

25.10.2025 14:00

Ракот на дојка на светско ниво е најчест рак кај женската популација, но и една од најчестите причини за смрт од малигни неоплазми, се може да биде полесно доколку промените на дојките навремено се забележат и третираат. Позитивно е тоа што свесноста и интересот за преглед од пред десетина години, со почетокот на розов октомври е стопроцентно зголемен. Постојат и многу случаи со позитивни исходи, таква е приказната на битолчанката Билјана Граматковски, која пред една година се соочила со оваа страшна болест...

Секој ден е борба, вели битолчанката Билјана, која лани на 45 годинашна возраст, ја добил дијагнозата-рак на дојка. Промените на градата ги забележала сама, по што веднаш побарала лекарска помош. Навремената реакција и даде втора шанса за живот.

Дијагнозата ја прифатив многу тешко, во првите денови се наоѓав во целосна темнина. Првата помисла беше, дека крајот дошол, следуваа месеци на лекување, страв и неизвесност. Но огромната поддршка од семејството ми даде надеж и сила да продолжам напред-вели Билјана. Борбата е тешка, предизвиците многубројни, чести патувања за Скопје, хемотерапии, губење на косата, здрава исхрана и суплементи-покрај психички и физички, се и огромен финансиски товар.

Постојат повеќе видови на рак на дојка кои може да се појават на различните делови на градата. Лекарите советуваат задолжителни контроли после четириесеттата година, но и брза реакција доколу се забележат било какви промени на градата.

Октомври нека биде потсетник дека здравјето е во наши раце, самопрегледот на дојките треба да стане навика исто како и миењето заби. Редовниот преглед не е губење време, тој е втора шанса за живот.

Ракот на дојката е најчесто заболување кај жените во светот и сочинува 36% од вкупниот број на заболени од рак. Една третина од овие заболени можат да се излечат доколу навреме се откријат и правилно се третираат.

 

Александра Максимовска