Скопје

Справување со еколошката катастрофа во Скопје

25.10.2025 15:07

Се празнат преполните контејнери што го доведоа во ризик здравјето на граѓаните. Општините се самоорганизираа за чистење, активирана и сопствена механизација и камиони од други градови. „Комунална хигиена“ почна со дезинфекција на садовите за отпад. Но, наталожениот смет тешко се собира и ќе биде потребно време, бидејќи никнаа и многу мини депонии...

Главните градски артерии ослободени од ѓубре, но сметот и натаму се прелева од контејнери во споредните улици. Скопје полесно дише, но останува револтот на граѓаните дека се заложници на меѓуинституционални препукувања – кој е надлежен за хаосот во главниот град. Дел од нив, ќесите со ѓубре си ги чуваат дома.

Од „Комунална хигиена“ се пофалија дека ги празнат, мијат и дезинфицираат контејнерите за да спречат ширење заразни болести. Но, општините не чекаа, па сами се мобилизираа со свои ресурси да го решат проблемот, а помош добија и од други градови.

Од Институтот за јавно здравје им препорачаа на граѓаните да внимаваат на хигиената, да не фрлаат отпад надвор од корпите и да не го фаќаат сметот со голи раце. На неколку локации, повеќенеделната негрижа создаде цели депонии.

 

Анита Димитријевска-Велковска