Нов руски напад со беспилотни летала врз Киев
Русија со дронови повторно удри врз Киев. Во вториот последователен напад, убиени и ранети неколку лица. Додека нападите на фронтот се интензивираат, Путин ја тестира нуклеарната крстосувачка ракета „Буревесник“, која според него е уникатно оружје кое го нема никој во светот. Трамп категоричен-не сака средба со рускиот колега сè додека не биде сигурен за постигнување договор за мир во Украина.

Неколку убиени и ранети лица во вториот последователен напад со руски беспилотни летала врз Киев. Дроновите предизвикале пожари во две висококатници. Спасувачките екипи ги евакуирале жителите. Оштетена зграда и во областа Оболонски.
„Имаше пламен насекаде и толку многу чад што не можеше да се излезе. Ставивме влажни ќебиња на вратите и прозорците“, изјави Олха Јевхенива – 74-годишна жителка на Киев.
„Имаше експлозија, го гаснеа пожарот, но не можеа целосно да го изгаснат, најверојатно затоа што сè уште гореше запаливо гориво, таква трагедија“, изјави Серхи Василович – 77-годишен жител на Киев.
Додека нападите на фронтот се интензивираа, Русија ја тестира нуклеарната крстосувачка ракета „Буревесник“. Путин кој ја посети командната станица на трупите што се борат во Украина, нагласи дека ова оружје ќе биде подготвено за распоредување.
„Уште еднаш ја потврдивме сигурноста на нуклеарниот штит на Русија. Стратешките сили се способни целосно да ја обезбедат националната безбедност на Русија. Таканаречената современост на нашите вооружени сили е на највисоко ниво.“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Американскиот претседател не планира средба со рускиот колега сè додека не биде уверен дека ќе биде постигнат договор што ќе обезбеди мир меѓу Русија и Украина.
„Мора да знам дека ќе постигнеме договор, нема да губам време. Отсекогаш сум имал одличен однос со Путин, но ова беше многу разочарувачки. Скоро секој од договорите што веќе сум ги склучил, мислев дека би бил потежок од Русија и Украина. Но, не се случи така. Помеѓу Зеленски и Путин постои огромна омраза“, рече Доналд Трамп – претседател на САД.
Специјалниот претставник на Кремљ, претходно во Вашингтон изјави дека верува оти неговата земја, САД и Украина се блиску до дипломатско решение за ставање крај на војната.
Последниот руски напад врз украинската престолнина предизвика нови апели од Зеленски до западот за системи за воздушна одбрана.
Катерина Бојаџиева
