Локални избори 2025

Кандидатите за градоначалници од СДСМ на средби со граѓани

26.10.2025 17:20

И кандидатите за градоначалници од СДСМ, кој влегоа во вториот круг на средби со граѓани. Герасимовски за Центар најави хортикултурно уредување. Трајановски пак очекува аеродромци во голем број да гласаат за него. Лидерот на СДСМ Филипче рече дека деновиве ќе донесат одлука со кого ќе коалицираат и кого ќе го поддржат во вториот круг...

Хортикултурно и партерно уредување на потегот од зелено пазарче до улица „Македонија“, најавува кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски.

Граѓаните се тие коишто го држат клучот за промената во локалната власт, истакна кандидатот за градоначалник на аеродром од СДСМ и коалицијата „Твоја Македонија“, Александар Трајановски. Во пресрет на вториот изборен круг, тој порача, јас не ги делам граѓаните според припадноста кон одредена политичка партија, а во вториот круг очекувам поддршка од сите политички чинители. Сепак вели Трајановски, засега сè уште немаме преговарано, ниту пак постигнато официјален договор, за заемна поддршка, со кандидатите од други партии и општини.

Во рамките на досегашната кампања, нашиот кандидат Трајановски покажа дека има капацитет и програма за добро да ја води општината, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој ги повика жителите на Аеродром, во вториот круг да излезат уште помасовно и својот глас да го дадат за Трајановски. Вели, нашиот кандидат неколкукратно, во секој поглед, го надминува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, кој во изминатиот мандат, според Филипче, не направил ништо за општина Аеродром.

Разговараме со сите политички чинители и во следниот период ќе донесеме конечен заклучок за тоа со кого ќе коалицираме и кого ќе го поддржиме, вели Филипче. Информира дека одлуката ќе биде донесена најдоцна до средината на претстојната недела.

Решенијата за тоа кои кандидати ќе ги поддржиме, онаму каде што немаме свои, ќе зависи од повеќе критериуми, но етничката припадност нема да биде еден од нив, вели Филипче. Додава и дека во изминатиот период, партијата направила анализа на гласовите во сите општини и подготвила стратегија за овој период меѓу двата изборни циклуси. Филипче објаснува и дека на барање на општинските организации, во периодот до вториот круг, нема да се организираат големи средби и трибини, како што беше случај во првиот круг.

 

Марија Котовска