Свет

САД и Кина пред договор за трговските царини

27.10.2025 10:18

Министрите за финансии на САД и Кина подготвија рамка за трговски разговори меѓу лидерите на двете земји. Договорот меѓу Вашингтон и Пекинг е сè поблиску, изјавија претставници од двете најголеми економии во светот. Претседателот Доналд Трамп и кинескиот лидер Ксји Џјинпинг ќе се состанат в четврток во Јужна Кореја…

Двете најголеми економии во светот, САД и Кина постигнаа прелиминарен договор за трговскиот спор. Веста позитивно влијаеше на светските берзи, регистриран пораст на акциите. Се очекува земјите да ги испеглаат трговските разлики на состанокот меѓу претседателите Трамп и Џјинпинг в четврток во Јужна Кореја.

„Ќе разговарам со претседателот Ксји, еден ден ќе застанеме во Јапонија, ќе застанеме во Јужна Кореја и ќе правиме некои други работи поврзани со трговијата“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Пекинг неодамна го ограничи извозот на ретки земјени минерали кои се потребни за напредни технологии, а Трамп одговори со закана со дополнителни царини за кинески производи. Трговската војна ја стресе американската економија, ја зголеми инфлацијата, а негативно влијаеше на земјоделството и бизнисите.

„Штотуку завршивме дводневни преговори и создадовме рамка за двајцата лидери да разговараат во четврток во Кореја. Претседателот Трамп ми даде голема преговарачка моќ со заканата од 100% царини на 1 ноември. И верувам дека постигнавме многу суштинска рамка што ќе го избегне тоа и ќе ни овозможи да разговараме за многу други работи со Кинезите“, рече Скот Бесент, секретар за финансии на САД.

Високите тарифи ја менуваат светската економија, истакна кинескиот премиер од самитот на АСЕАН во Куала Лумпур. Ли Кечијанг ја нагласи потребата за зајакнување на регионалната економија.

„Поради сложените промени во меѓународниот економски и трговски пејзаж, особено нарушувањата предизвикани од високите тарифи и други фактори, силно чувствуваме дека тешкотиите и предизвиците со кои се соочува источноазиската економија се зголемуваат, а неизвесноста и нестабилноста на развојот значително се зголемуваат“, изјави Ли Кечијанг, премиер на Кина.

Шефот на Белата Куќа на состанокот на АСЕАН во Куала Лумпур потпиша реципрочни трговски договори за царина од 19 проценти со колегите од Тајланд, Малезија и Камбоџа. Во тек се и разговори меѓу тимовите на САД и Бразил за трговскиот спор.

Маријана Димовска