Украина ја нападна Москва со дронови
Украина изврши голем напад со дронови врз Москва. Регистрирани експлозии во неколку делови од градот. Аеродромите Домодедово и Жуковски привремено запреа со работа. Откако Путин се пофали со новата ракета, Трамп одговори – наместо да тестира ракети, рускиот претседател да се фокусира да ја заврши војната.

Откако Русија изврши масовни напади во кои имаше убиени и ранети, Украина возврати. Московската област-цел на дронови. Руските сили собориле 34 беспилотни летала од вкупно 194. Аеродромите Домодедово и Жуковски привремено ги прекинаа операциите, а украински дрон погодил и минибус во Брјанскиот регион – возачот загинал, неколку патници се повредени.
„Само за оваа една недела, русите употребија речиси 1.200 ударни беспилотни летала и веќе 50 ракети од различни видови против Украина-повеќето од нив балистички. Заштитата од таква закана може да биде само заеднички напор – ниедна нација во светот не треба да биде оставена сама против таква закана“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Откако рускиот претседател објави дека е успешно извршен последниот тест на нуклеарната ракета „Буревестник“, Трамп оцени дека тоа е несоодветно. Го повика Путин да се занимава со завршување на војната наместо да тестира ракети.
„Несоодветно е Путин да го каже тоа. Тој треба да ја заврши војната во Украина. Оваа војна, која требаше да трае една недела, е на прагот да влезе во својата четврта година“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Посетата на специјалниот претставник на Кремљ на САД е мал чекор на долгиот пат, смета Песков.
„Неформалните контакти се клучна компонента на дијалогот во целина, особено по на неодамнешните непријателски потези на САД кон Русија“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.
Димитриев, по средбите во Вашингтон изрази верување дека неговата земја, САД и Украина се блиску до дипломатско решение за крај на војната.
Катерина Бојаџиева
