Образование

Јаневска: Универзитетите имаат партнер во Владата за реформите во високото образование

27.10.2025 19:51

Важно е да разговараме за квалитетот на нашето високо образование, но и да преземаме конкретни активности за негово континуирано подобрување, усогласување со европските стандарди и приближување кон реалните потреби на пазарот на труд и општеството во целина, рече министерката Весна Јаневска.

Важно е да разговараме за квалитетот на нашето високо образование, но и да преземаме конкретни активности за негово континуирано подобрување, усогласување со европските стандарди и приближување кон реалните потреби на пазарот на труд и општеството во целина, рече министерката Весна Јаневска во обраќањето на Првиот годишен форум за квалитет во високото образование, што го организираше Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во време на економски, технолошки и општествени предизвици, потребни се универзитети кои покрај со знаење и вештини, ги подготвуваат студентите за работа во услови на глобална конкуренција и чести промени. Јаневска посочи дека оваа Влада е свесна за итноста од реформирање на највисокиот степен на образование и затоа презема конкретни мерки и активности насочени кон системски промени.

Во обраќањето, Јаневска укажа на конкретните чекори што ги презема Министерството за образование и наука за унапредување на научната продуктивност и интеграција на македонската академска заедница во глобалниот истражувачки простор. Научните бази Web of science и Scopus од оваа година се бесплатно достапни за професорите, научниците и студентите на јавните универзитети. Зголемен е буџетот за наука од 380 на 680 милиони денари, и годинава за прв пат по повеќе години, преку три повици беа доделени 374 милиони денари за научно – истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и бизнис заедницата. Академскиот кадар е високо почитуван, а платите на универзитетските професори од јануари се зголемени за 14%.