Локални избори 2025

Кандидатите за градоначалници на СДСМ продолжуваат со кампањата

27.10.2025 17:19

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Центар, Горан Герасимовски најави нов парк кај Зелено пазарче. Кандидатот за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски, пак, рече дека се залага за нови игралишта, за безбедни улици и пристапни тротоари.

Целосна реорганизација и зајакнување на општинските и инспекциските служби, како и воведување комунална полиција со широки овластувања – најави кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски. Toj, ако ја добие довербата од граѓаните вели дека ќе ги спрегне службите да работат во интерес на граѓаните, со цел да обезбеди ред, чистота и безбедност во сите маала и улици. Споредувајќи ја визијата за современ и хуман Аеродром, Трајановски најавува дека приоритет ќе биде одржувањето на јавната хигиена со поставување корпи за отпадоци на секои 150 метри, но подеднакво важно ќе биде и проширувањето на зелените појаси, како и изградбата на рекреативни и спортски центри со содржини за различни генерации. Трајановски вели дека ќе се стави крај и на аерозагадувањето, па во тој контекст најави и континуирана инспекција и мониторинг на работата на сите загадувачи, како и подигнување на еколошката свест кај граѓаните.

Социјалдемократите со активности и во соседната општина. Актуелниот градоначалник на Центар, кој се бори за втор мандат – Горан Герасимовски претстави дел од програмата. Најави изградба на модерен дом за стари лица, нова градинка, два покриени базени, катни гаражи, зголемени субвенции за учениците, бесплатни екскурзии и оброци. Герасимовски вели дека во изминатите четири години центарци биле вклучени во процесите на одлучување, а политиките за подобар живот заеднички се креирале. Побара поддршка в недела, за како што вели Центар да остане пример за европска, зелена, дигитална и хумана општина која се грижи за сите генерации, за најмладите, за сите семејства и пензионери.

Во организација на Герасимовски утре жителите на Центар се поканети да присуствуваат на првиот буџетски форум за 2026 година. Идејата е да се дадат и усвојат предлози и иницијативи за подобар и поквалитетен живот во општината. Форумот е замислен како место каде секој граѓанин ќе може со свој придонес да учествува во градењето на општината и да придонесе кон поголема транспарентност и отчетност.

Анита Димитријевска-Велковска