Македонија

Приведен директорот на „Комунална хигиена“ и уште едно лице, од претпријатието одземена документација

27.10.2025 17:04

Во полициска акција е уапсен директорот на „Комунална хигиена“, Сабахадин Рустеми и уште едно лице. Ќе се гонат за загрозување на животната средина и природата со отпадни материи. Од јавното претпријатие е одземена документација за несобирањето на сметот во Скопје што го загрози здравјето на граѓаните и ги изложи на заразни заболувања …

МВР уапси две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ за состојбите со непостапувањето во врска со ѓубрето во Скопје.

Меѓу приведените е директорот на претпријатието, Сабахудин Рустеми, како и раководителот во скопски комуналец, Аки Саити. Обвинителството информира дека двајцата се осомничени за кривичното дело, загрозување на животната средина и природата со отпадни материи. Од претпријатието е одземена и документација во врска со случајот.

Според членот 230 од Кривичниот законик, тој што складира, остава или расфрла отпадни материи или постапува со нив, на начин на кој се загрозува животната средина ќе се казни со казна затвор од три месеци до три години. Но, казната може да се изрече до висина од 10 години ако делото предизвикало инфективност, канцерогеност, мутагеност. Премиерот Мицкоски навести дека хаосот со сметот во Скопје ќе добие разврска.

Акцијата на МВР и обвинителството следува откако Скопје со денови остана со полни контејнери, што го загрози здравјето на жителите и ги принуди градоначалниците на општините да се организираат и да чистат со механизација позајмена од другите општини.

Ирина Гелевска