В четврток средба Трамп-Џјинпинг
Вашингтон и Пекинг на чекор до затоплување на односите. По ескалацијата на трговската војна, министрите за финансии на двете земји ја подготвија рамката за разговорите меѓу лидерите Трамп и Џјинпинг в четврток. „Договорот е сè поблиску“, потврдуваат САД и Кина…

САД и Кина постигнаа прелиминарен договор за трговскиот спор што позитивно влијаеше на светските берзи. Се очекува разликите да се решат на средбата меѓу Трамп и Џјинпинг в четврток во Јужна Кореја. Вашингтон и Пекинг потврдија дека се блиску до решение.
„Создадовме рамка за двајцата лидери да разговараат во четврток во Кореја. Претседателот Трамп ми даде голема преговарачка моќ со заканата од 100% царини на 1 ноември. Верувам дека постигнавме многу суштинска рамка што ќе го избегне тоа и ќе ни овозможи да разговараме за многу други работи со Кинезите“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.
„Водени од важниот консензус постигнат од двајцата шефови на држави, двете страни водеа искрени, длабински и конструктивни дискусии за клучните економски и трговски прашања од заеднички интерес и постигнаа основен консензус за аранжманите за решавање на меѓусебните загрижености и се согласија дополнително да ги дефинираат специфичните детали и да ги завршат своите внатрешни процедури за одобрување“, рече Гуо Џиакун, портпарол на Министерство за надворешни работи на Кина.
Трамп оптимист дека состанокот ќе биде заокружен со договор.
„Јапонија, Јужна Кореја, Кина. Ќе биде интересно, имам голем почит кон претседателот Шји и се надевам дека тоа ќе го заокружиме со договор. Навистина чувствувам дека нашите земји работат многу добро на економски план. Се согласив да патувам во Кина на почетокот на годината и претседателот Шји ќе дојде во Вашингтон или Палм Бич по ова“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.
Пекинг неодамна го ограничи извозот на ретки минерали потребни за напредни технологии, по што Трамп одговори со закана за дополнителни царини зголемувајќи го ризикот од забавување на економскиот раст низ целиот свет.
Бојана Крстевски
