Култура

Македонската филхармонија вечерва со настап во „Музикферајн“ во Виена

28.10.2025 09:26

Настапот во оваа престижна сала претставува заокружување на прославата на 80 години од основањето на Македонската филхармонија, како и одбележување на 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Австрија.

Македонската филхармонија вечерва ќе одржи концерт во „Златната сала“ на прочуената виенска концертна куќа „Музикферајн“ – домот на Виенската филхармонија и сцената на која традиционално се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот.

Настапот во оваа престижна сала претставува заокружување на прославата на 80 години од основањето на Македонската филхармонија, како и одбележување на 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Австрија.

На концертот како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а со оркестарот ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел. Публиката ќе има можност да ужива во програма која ги спојува македонската музичка традиција и европската класична уметност – пет традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и Симфонијата бр. 8 од Антонин Дворжак.

„Музикферајн“, изградена во 1870 година по проект на данскиот архитект Теофил Хансен, е меѓу најпрестижните концертни сали во светот. Нејзината „Златна сала“, со капацитет од околу 2.000 седишта, е позната по извонредната акустика и архитектонската убавина.

Низ историјата на оваа сцена настапиле некои од најголемите имиња на светската класична музика – Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма, како и композиторите Брамс, Брукнер, Малер и Штраус.

Од Македонската филхармонија велат дека настапот во Виена претставува значаен момент за македонската музичка сцена и потврда на меѓународниот углед на институцијата.

 

Фото: musikverein.at