Јамајка се подготвува за најсилниот ураган годинава – „Мелиса“
Јамајка на удар на најсилниот ураган годинава – „Мелиса“ носи разорни ветрови и поплави. Веќе ги зеде првите жртви. Во земјата вонредна состојба, отворени над 800 засолништа, евакуирани илјадници луѓе. По повеќе од една деценија, островската земја изложена на директен удар на историското невреме. Затоплувањето на океаните - клучна причина за екстремно брзото интензивирање на бурата, тврдат експертите.

Јамајка на удар на „Мелиса“ — најсилната бура во светот годинава. Ураганот од петта категорија со ветрови над 280 км/ч носи изобилни дождови, опасност од поплави и лизгање на земјиштето. Бурата веќе зеде жртви по траекторијата на движење во северниот дел на Карибите.
„Се соочуваме со голем ураган од категорија 5. Се очекува да удри во источниот дел на Вестморленд или крајниот запад од Сент Елизабет. До 31 октомври централните и источните региони ќе бидат поплавени од најизобилните врнежи од дожд досега“, изјави Еван Томпсон • главен директор во Метеоролошката служба на Јамајка.
Властите отворија над 800 засолништа, апелираат граѓаните веднаш да се евакуираат поради животозагрозувачките услови.
„Подгответе се да бидете со луѓето, да ги заштитите, да им помогнете и евакуирате оние на кои им е потребно“, порача претседателот на покраинскиот совет, Јоел Перез.
„Сместуваме приближно 260 луѓе, но имаме место за многу повеќе. За секој оној кој мора да се евакуира, нашите врати се отворени“, изјави владиниот претставник, Араселија Санчез.
Жителите загрижени од историското невреме.
„Дури кога ќе заврши, ќе ги видиме разорните последици. Ќе биде тешко“, рече Ерл Камерон, жител на Јамајка.
Експертите тврдат-затоплувањето на океаните е клучната причина за екстремно брзото интензивирање на бурата.
„Атлантикот во моментов е многу топол. Над 90 насто од дополнителната топлина што ја заробуваме на Земјата, оди во океаните. Тие се затоплуваат и манифестираат на различни начини. Еден од нив е дополнително гориво за овие бури да се интензивираат побрзо. Оваа бура одеднаш премина од категорија еден на пет во едно деноноќие, што значи нашиот ризик драматично се менува со климатските промени“, изјави Акшај Деорас од универзитетот во Рединг.
Островската нација не е директно погодена од ураган повеќе од една деценија и никогаш посилен од четврта категорија. По Јамајка, „Мелиса“ се очекува да ги погоди Куба и југоисточните Бахами.
Бојана Крстевски
