Македонија

Обвинителството бара притвор за директорот и раководителот во „Комунална хигиена“

28.10.2025 13:13

Како што соопштуваат од Обвинителството, осомничените заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје

Директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми, како и раководителот во претпријатието, Аки Саити, после распитот во полициска станица предмалку беа спроведени во Кривичниот суд. Јавниот обвинител до судот достави предлог за определување мерка притвор. Се сомничат за сторено кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.

Како што соопштуваат од Обвинителството, осомничените заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.

Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ.

Известува Ирина Гелевска