Економија

Буџетот за в година ќе тежи 6,73 милијарди евра

28.10.2025 18:17

6,7 милијарди евра ќе тежи буџетот за идната година. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти. Капиталните проекти треба да бидат главен двигател, велат од Министерството за финансии...

Рекордни 6,7 милијарди евра. Толку ќе тежи Предлог-буџетот за 2026 година. Владата го усвои овој важен документ, со којшто економскиот раст е проектиран на 3,8%, инфлацијата на 2,5%, а буџетскиот дефицит на 3,5% од БДП. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кажа дека вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари, додека проекцијата за капиталните инвестиции е на износ од 40,5 милијарди денари, односно 650 милиони евра.

„Капиталните проекти треба да бидат главен двигател на економскиот раст догодина, а позитивен раст се очекува и од приватните инвестиции со уште позабрзано темпо имајќи го предвид интересот за поволната кредитна линија за компаниите, како и приватната потрошувачка поддржана од растот на платите и пензиите“ рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката рече дека Предлог-буџетот за 2026-та ги опфаќа сите клучни политики што ќе се спроведуваат во наредниот период, со јасна цел – забрзување на економскиот раст, паралелно со постепена фискална консолидација.

Фискалната политика за 2026 година, ќе биде насочена кон одржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност. Ќе има повеќе пари за плати и пензии.

 

Александра Спировска