30 дневен притвор за Рустеми и Салити
30 дневен притвор за директорот на „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и управителот на Секторот за отпад Аки Салити што беше и предлог на Обвинителството...

Судија на претходна постапка одреди 30 дневен притвор за директорот на „Комунална хигиена“ Сабахадин Рустеми и управителот на Секторот за отпад Аки Салити што беше и предлог на Обвинителството. За нив како што соопштуваат од судот постои основано сомнение дека извршиле кривично дело од член 23о став 1. загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Согласно решението на судот, за осомничени С.Р. и А.С., вработени во ЈП „Комунална хигиена“ мерката притвор е определена заради постоење на основите од член 165 1. точка 2 и 3 односно опасност да ја попречи истрагата или да влијае на сведоци и можност да го повтори делото“, стои во соопштението од Кривичен суд.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд. Обвинителството ги товари за кривично дело по член 230 од КЗ став 1, казниво од 3 месеци до 3 години затвор. Тие се сомничат дека овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.
Викторија Милевска
