МВР

Повторно дојави за бомби во училиштата

28.10.2025 20:31

Дојави за поставени експлозивни направи во училиштата во Скопје и Куманово. Децата и вработените евакуирани, екипите за антитероризам на терен. Полицијата ќе одлучува дали утре ќе се изведе наставата во прва смена...

Повторно дојави за бомби во Скопје и Куманово. Во доцните попладневни часови на имеил адресите на основните училишта пристигнала заканувачка порака. Во Куманово анонимна порака за поставени експлозивни направи пристигнала до сите основни училишта во централното подрачје и руралните средини. Учениците и вработените по алармот за тревога, додека траел петтиот час, веднаш безбедно биле евакуирани.

„Најпрвин во две училишта а потоа се воспостави дека во сите основни училишта има пристигнато дојави за бомби со некоја навредлива содржина на нелитературно македонски јазик. Училиштата веднаш имаат постапено согласно протоколите. Го имаат известено СВР Куманово по што имаат добиено известување налог за постапување наставата да запре, учениците да бидат евакуирани“, истакна раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ.

Екипите на Министерството за внатрешни, специјалните полициски единици на терен вршат проверки во училиштата. Тие треба да утврдат дали повторно се работи за лажни дојави, но и да излезат со инструкции дали утре ќе се одржи наставата во прва смена. Во Куманово и во Скопје и претходно имаше закани за бомби и сите беа лажни.

 

Елена Георгиевска