Култура

Стоечки овации за Македонската филхармонија во „Музикферајн“

29.10.2025 10:29

Настапот, заедно со Ана и Игор Дурловски, ја освои виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше, особено на изведбите на делата од Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.

Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи – така Виена синоќа ја поздрави Македонската филхармонија по нејзиниот настап во прочуената „Златна сала“ на концертната куќа „Музикферајн“, една од најпрестижните музички сцени во светот.

Во срцето на градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.

Настапот, заедно со Ана и Игор Дурловски, ја освои виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше, особено на изведбите на делата од Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.

Во „Музикферајн“ синоќа се слушна душата на Македонија – мала земја со големо срце, која преку своите уметници повторно блесна на светската музичка сцена. Настапот уште еднаш покажа дека вистинските амбасадори на државата се уметниците, кои преку музиката ја пренесуваат светлината и духот на Македонија низ целиот свет-велат од Македонската филхармонија.

Фото: Филхармонија/ Фејсбук