Нови израелски воздушни напади врз Газа
Израелските одбранбени сили извршија воздушни напади во Газа. Американскиот претседател Трамп вели, примирјето не е прекршено...

Примирјето во Газа повторно на тест. Десетици Палестинци загинаа во серијата израелски воздушни напади откако Тел Авив нареди одговор на, како што рече, кршењето на прекинот на огнот од страна на Хамас по нападот врз израелски војници на југот од енклавата.
„Зошто бомбардираат луѓе што спијат? Нашите деца се преплашени. Какво примирје е ова?“ запраша Амна Кринави, раселена Палестинка.
Американскиот претседател Трамп изјави дека примирјето не е во опасност, но треба да се почитува.
„Тие убија еден израелски војник и Израелците возвратија, и треба да возвратат. Кога тоа ќе се случи, треба да возвратат. Имаат право да го сторат тоа, ништо нема да го загрози договорот за прекин на огнот‘, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Хамас негира одговорност за нападот врз израелските сили и го обвини Израел. Тврди дека 50 луѓе се убиени, вклучувајќи 22 деца, а над 200 се повредени како резултат на тековните напади. Најави одложување на предавањето на две тела на заложници како одговор на израелските прекршувања.
„Хамас потврдува дека нема никаква врска со инцидентот со пукањето во Рафа и ја потврдува својата посветеност на договорот за прекин на огнот“, стои во соопштението на милитантната група.
Бавното враќање на телата дополнително го загрозува кревкото примирје.
„Израел трпеливо чекаше. Свесни сме и знаеме точно дека Хамас може да ги лоцира и преземе 13-те тела кои сè уште се во Газа. Во однос на последиците и реперкусиите за Хамас, ништо не е исклучено во моментов“, посочи Шош Бедросијан, портпаролка на владата на Израел.
ОН апелираат, сите страни да се придржуваат до условите на договорот за прекин на огнот.
„Не сакаме ситуацијата да се влоши. Важно е сите страни вклучени во прекинот на огнот да се придржуваат до него“, истакна портпарол на ОН, Стефан Дужарик.
Откако примирјето стапи во сила на 10-ти октомври, смртоносните инциденти продолжија.
Бојана Крстевски
