Филипче од Лозово: Кандидатот на СДСМ ќе ја повтори градежната офанзива од периодот 2017-2021
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Лозово, Ацо Велковски, ќе ги заврши проектите кој ги остави во неговиот претходен мандат 2017-2021 година а сегашниот градоначалник не успеа да ги доврши, кажа лидерот на СДСМ Венко Филипче на средбата со жителите од населените места во Општина Лозово. Велковски вети дека сите девет населени места во општината, секое домаќинство ќе биде приклучено на водовод, канализација и ќе имаат асфалтирани улици...

Оставивме 50-тина проекти пред четири години да се завршат, но ништо не се случи, останаа без реализација. Граѓаните тоа го чувствуваат, знаат да го препознаат, сакаат да имаат градоначалник кој работи отворено, транспарентно, отчетно, кој го прави животот лесен, пријатен, поубав. Тој мисли и на младите, возрасните, пензионерите, земјоделците, на сите категории граѓани. Тоа е кандидат за градоначалник на Општина Лозово од СДСМ, Ацо Велковски. Ова го порача лидерот на партијата, Венко Филипче, кој имаше средба со граѓаните во Лозово.
Филипче кажа дека актуелниот градоначалник на Општина Лозово, за четири години не донел никаква капитална инвестиција, па гласачите ќе имаат лесна одлука во вториот изборен круг, за кого да гласаат.
Велковски, пак, рече дека не оди по домовите на неговите сограѓани за да им се заканува, не ги заплашува, туку да се заблагодари за поддршката од првиот круг, да ги охрабри во недела да го повторат нивното гласање.
„Имавме силна градежна офанзива во периодот 2017-2021, која ќе ја продолжиме во следните четири години“, кажа Велковски. Тој вети дека сите девет населени места во општината, секое домаќинство ќе биде приклучено на водовод, канализација и ќе имаат асфалтирани улици.
Кандидатот на СДСМ, Велковски, ги потсети жителите на село Каратманово дека летово пет месеци во летните горештини биле оставени без вода за пиење, без вода за домаќинствата и дека тие, во 21-ви век, со туби носеле вода за бањање. Тој вети силна поддршка на пензионерите, најави реконструкција на пензионерскиот дом, бесплатна домашна нега, есенско чистење на оџаците од домовите, ваучер од 5.000 денари за секој пензионер.
СДСМ и независниот кандидат од првиот круг од Лозово, Милан Ашиковски, склучиле договор за коалиција, се согласиле тој да ги повика неговите гласачи в недела да го поддржат кандидатот на СДСМ, Велковски.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави нова детска градинка, старечки дом и бесплатни оброци за учениците и бесплатна екскурзија.
Со зголемувањето на бројот на ученици, има потреба за дополнителен простор во училиштата. Затоа, Герасимовски најави проширување на капацитетите на училиштата во Центар со изградба на нови училници.
Петар Печков
