Локални избори 2025

Далипи од Алијансата за интеграција, најави чиста и еколошка Струга

29.10.2025 18:33

Далипи, кандидатот на Алијансата за интеграција за градоначалник на општина Струга, потпиша договор за соработка со граѓанската иницијатива „Струга дејствува“, која во првиот круг настапи со независниот кандидат Бесник Хасани.

Арсим Далипи, кандидатот на Алијансата за интеграција за градоначалник на општина Струга потпиша договор за соработка со граѓанската иницијатива „Струга дејствува“, која во првиот круг настапи со независниот кандидат Бесник Хасани. Во четирите столба кои ги содржи ќе биде, уверува тој, основата за секоја одлука доколку биде избран за градоначалник.

„Под еден, чиста и еколошка Струга. Отворена борба против загадувањето и нелегалните депонии. Целосно ќе ја исчистиме Струга и ќе го вратиме животот покрај Црн Дрим и езерото. Под два, функционална и транспарентна администрација. Доста е со партиски вработувања. Ќе вработуваме професионални луѓе со заслуги, а не со политички врски. Под три, целосна дигитализација на општината. Секоја општинска услуга ќе биде онлајн, брза и достапна за секој граѓанин и четврто немилосрдна борба против корупцијата и криминалот“, изјави Далипи.

Ги демантираше тврдењата од опонентите дека добил гласови од „Левица“.

„Прво, „Левица“ имаше свој кандидат, свој кандидат за градоначалник на општината, и нема никаква логика да ме поддржале мене. И второ, очигледно или аналитичкиот штаб на противкандидатот погрешно пресметал или се почетници, или пак, им сервирале лажни информации за тие бројки од штабот на газдите. Бројките се евидентирани, тоа се факти кои зборуваат сами за себе“, изјави Далипи.

Далипи исто така нагласи дека има визија да ја донесе вистинската промена што ѝ е потребна на Струга.

 

Фиљана Кока