„Мелиса“ остави пустош на Јамајка, евакуација на Куба, и Бахамите на удар
Ветрови од 300 километри на час, поплави, илјадници домови без струја, има и жртви – ураганот „Мелиса“ направи хаос во Јамајка. Се движи кон Куба, но почна да слабее. И Бахамите на удар на моќната бура, каде беа издадени предупредувања...

Ураганот „Мелиса“ од петта категорија ја погоди Јамајка со ветрови од речиси 300 километри на час, оставајќи илјадници домови без струја, поплавени улици и свлечишта. Владата прогласи зона на катастрофа. Има и жртви, предизвикана е огромна материјална штета. Ураганот продолжи кон Куба, но почна да слабее.
„Ова е ураган со голема јачина. Знаеме дека ќе има многу штета предизвикана од него поради неговите карактеристики, но имаме целосен капацитет да закрепнеме“, изјави Мигел Дијаз-Канел, претседател на Куба.
Стотици илјади луѓе се евакуирани. Се користеа автобуси и камиони за транспорт на жителите од нивните домови до засолништата.
„Чекаме да го надминеме ураганот за да имаме што е можно помалку загуби“, вели Едубиге Фигероа, локален жител.
„Мислиме дека ќе се случи најлошото, затоа решивме да одиме некаде на безбедно, сакаме да ги зачуваме нашите животи“, изјави Елвира Мореира, локална жителка.
По Куба, и Бахамите на удар на моќната бура, каде беа издадени предупредувања. Обединетите нации соопштија дека координираат поморски пратки со помош од Барбадос, а воздушните испораки ќе следуваат откако ќе се подобрат временските услови.
Катерина Бојаџиева
