Буџетот за 2026 на стабилни темели, капиталните инвестиции предизвик
Фискална стабилност и предвидливост за стопанството и граѓаните – вака експертите го оценуваат Буџетот за 2026 година, кој е најголем досега и изнесува 6,7 милијарди евра. Дел од нив предупредуваат дека реализацијата на капиталните инвестиции останува најголем предизвик…

Буџетот за 2026-та е поставен на стабилни и реални услови. Државата испраќа порака за фискална стабилност, а инвеститорите, стопанството и граѓаните ќе имаат поголема предвидливост, смета професорот Синиша Наумовски. Според него, предизвик ќе бидат капиталните инвестиции кои со години наназад имаат ниско ниво на реализација.
Раст на продуктивноста на трудот, зголемување на капацитетите на јавната администрација и креирање амбиент каде приватните инвеститори би биле похрабри во носењето на инвестициски одлуки, е клучот за подинамични стапки на раст, кои би се пресликале во порастот на животниот стандард, смета професорот Зоран Ивановски. Според него, клучно во остварувањето на владините проекциите за раст од 3,8 проценти, инфлација од 2,5 отсто, во голема мера ќе зависи и од геополитичките состојби.
Буџетот за идната година е најголем досега-изнесува 6,7 милијарди евра. Поголемиот дел од средствата ќе бидат потрошени за инфраструктурни проекти, за одбрана, но и за плати и пензии, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Викторија Милевска
