Поднесена кривична пријава против непознат сторител

Еколошката катастрофа во Вардар е резултат на дивите депонии и несовесните граѓани

29.10.2025 17:04

Не стивнуваат реакциите по објавените видеа од илјадници пластични шишиња и амбалажа кои пловат по Вардар во тетовско. Екологисти објаснуваат, проблемот е и во несовесните граѓани и во локалните самоуправи кои толерираат диви депонии. Полицијата поднесе кривична против непознат сторител…

Еколошката катастрофа во Вардар е резултат на дивите депонии и несовесни граѓани – велат од Инспекторатот за животна средина, откако илјадници пластични шишиња се слеаја во речното корито во тетовско. Инспекторите од Јегуновце ја известиле полицијата. Поднесена е кривична против непознат сторител.

„Овој комунален отпад е фрлен во соседни општини каде поминува Вардар. Сега Вардар е надојден и комуналниот смет Вардар го носи со подигање на водостојот“, вели Димитар Костадиновски – градоначалник на Јегуновце.

„Делувавме во намалување на дивите депонии. Како општина имаме поставено камери на критичните точки. Не знаеме кој е сторителот и од каде доаѓа, се е претпоставка“, нагласува Стојанче Антовски – комунален инспектор во Општина Јегуновце.

Екологистите бараат одговорност, но и поголема свест кај граѓаните за животната средина.

„И селаните кои го одлагаат шутот таму, ако немаат друг избор и ако нема една регионална депонија каде би се одлагал отпадот и би работела по стандарди … која е целта на државата, ова ќе ни се повторува секој пат. Ова беше еколошка катастрофа“, вели Елена Николовска од „Еко свест“.

Државниот инспекторат подготвува измени на законот за воспоставување поефикасна контрола.

Илјадници пластични шишиња и друг отпад, го затрупаа речното корито на Вардар во тетовско. Дел од отпадот стигна и во Скопје. Еколошката катастрофа е резултат на дивите депонии покрај Вардар.

Андријана Ѓурческа