Обновено примирјето во Газа, објавија израелските власти
По десетици жртви, израелската војска соопшти – примирјето во Газа е во сила. Ситуацијата ескалираше со нови напади поради убиството на војник. Хамас се огради од настанот, обединетите нации бараат почитување на прекинот на огнот. Трамп уверен дека е ова само епизода што нема да го загрози договорот...

Примирјето во Газа е обновено, објавија израелските власти. Прекинот на огнот помина уште еден тест откако десетици Палестинци загинаа во серијата воздушни напади кои беа одговор на нападот од Хамас врз израелски војници на југот од енклавата.
„Тие убија еден израелски војник и Израелците возвратија, и треба да возвратат. Кога тоа ќе се случи, треба да возвратат. Имаат право да го сторат тоа, ништо нема да го загрози договорот за прекин на огнот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Хамас негира одговорност за нападот.
„Хамас потврдува дека нема никаква врска со инцидентот со пукањето во Рафах и ја потврдува својата посветеност на договорот за прекин на огнот“, стои во соопштението на милитантната група.
„Хамас е одговорен за прекршувањето. А во однос на одговорот, многу јасно рековме дека ќе одговориме на секое прекршување. Израел е посветен на прекинот на огнот и на планот на претседателот Трамп“, изјави Орен Марморштајн, портпарол на МНР на Израел.
ЕУ и ООН апелираат сите страни да се придржуваат до условите на договорот за прекин на огнот.
„Не сакаме ситуацијата да се влоши. Важно е сите страни вклучени во прекинот на огнот да се придржуваат до него“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ОН.
Откако примирјето стапи во сила на 10 октомври, смртоносните инциденти продолжија.
Маријана Димовска
