Енергетика

Божиновска: Македонија испраќа јасна порака – без стабилни финансиски модели нема зелена транзиција

29.10.2025 20:04

Инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори подразбираат предвидливи правила, дигитализирани и стандардизирани постапки и инструменти за де-рискирање што го катализираат приватниот капитал преку локалните банки.

Инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори подразбираат предвидливи правила, дигитализирани и стандардизирани постапки и инструменти за де-рискирање што го катализираат приватниот капитал преку локалните банки. Ова се клучните приоритети кои Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги поставува како непосредна агенда на панелот „Financing Energy Efficiency and Renewable Energy“, во рамките на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој – IFESD-14, одржан под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“. Форумот се огранизира во партнерство УНДП, и петте комисии на ОН, а фокусот е од идеи да се создадат финансиски портфолија преку стандардна документација, агрегирање на помали иницијативи и предвидливи рокови за дозволи и приклучок кон мрежата, со силни стандарди за мерење, известување и верификација на резултатите.

Денешниот панел ги става нафокус меѓународните финансиски институции и новите финансиски механизми за поддршка на приватниот сектор со цел заштеда на трошоци и зајакнување на ефикасната зелена транзиција.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска нагласи дека финансиските модели мора да се усогласат со реалните потреби на домаќинствата, малите и средни претпријатија и индустријата.

Програмата на IFESD-14 е ориентирана кон практични решенија и мерливи резултати.

Во воведниот дел се обрати и Рита Колумбија, постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, која потенцираше дека потребни се конкретни модели што го катализираат капиталот со цел да се остане на трасата за декарбонизација. Само во 2022 година глобалните инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност достигнаа 1,3 трилиони долари во 2022.

За постојаниот претставник на УНДП во Македонија Армен Григорјан од суштинско значење е здружената акција за обезбедување соодветни механизми и платформи за ефикасни и одржливи енергетски практики.

Дискусиите опфаќаат инструменти што го намалуваат ризикот за инвеститорите, модели што комбинираат јавни и приватни извори на финансирање и искуства од програми кои веќе донеле енергетски заштеди, нови инсталирани обновливи капацитети и пониски трошоци за корисниците. Посебен акцент е ставен на техничка помош и поддршка при подготовка на проекти, особено за општински објекти, јавна расвета, индустриски процеси и распределени обновливи извори зад бројило.

МЕРМС ќе продолжи со унапредување на законските и подзаконските решенија за ЕЕ и ОИЕ, со изработка на стандардизирани упатства, договори и тендерски шаблони за општините, јавните институции и компаниите. Паралелно, ќе се дигитализираат и скратуваат процедурите за дозволи и приклучок, ќе се воведат појасни MRV-постапки и критериуми за избор и следење на проекти споредливи на национално и меѓународно ниво, а во партнерство со меѓународните финансиски институции ќе се прошируваат инструментите за де-рискирање и пристапот до поволни кредити за да се поттикне поголем прилив на приватен капитал.

Програмата опфати посебен блок за Green Finance Facility (GFF) – заедничката програма која преку партнерство меѓу Владата, агенциите на ОН, ЕБОР и локални финансиски институции овозможува пристапни средства за МСП и недоволно услужени домаќинства, како и панели со бизниси и банки за практичните чекори до инвестиции.

Форумот годинава бележи рекорден интерес: во трите дена се очекуваат над 600 учесници од 70 држави, вклучувајќи креатори на политики, владини и претставници на меѓународни организации и банки, академската заедница, енергетскиот бизнис-сектор и граѓански организации. Повеќе од 150 експерти дебатираат на 35 панелски сесии за енергетска безбедност и отпорност, финансирање на чиста енергија, дигитализација на системите, управување со критични суровини, праведна транзиција, како и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.