САД и Кина постигнаа договор за трговскиот спор
Американскиот претседател Трамп и кинескиот лидер Џјинпинг одржаа клучни трговски разговори во Јужна Кореја. Средбата заврши без објава на договор, но со позитивни сигнали – Трамп ја оцени како „неверојатна“, а Џјинпинг го поздрави „охрабрувачкиот напредок“ постигнат минатата недела од делегациите на Вашингтон и Пекинг.

САД и Кина ги надминаа пречките околу трговскиот спор. По средбата на американскиот претседател Трамп со неговиот кинески колега Џјинпинг во Јужна Кореја, шефот на Белата куќа објави дека постигнале нов трговски договор кој наскоро ќе биде потпишан. Вашингтон ги намалува царините за кинескиот увоз од 57 на 47 насто, за возврат Пекинг да продолжи да купува соја од САД, да го одржи извозот на ретки минерали и да се справи со нелегалната трговија со фентанил.
„Беше неверојатен состанок. Донесени се многу извонредни одлуки. Не остана многу. Кина ќе почне да купува големи количини соја, ќе работи напорно за да го запре протокот на фентанил. Разговаравме за чипови. Имаме договор. Сега, секоја година, ќе преговараме за договорот, но мислам дека тој ќе трае долго. Сите ретки минерали се решени. Навистина може да се каже дека ова беше светска ситуација-пречката е исчезната“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Од Кина сè уште нема коментар, но на почетокот на средбата со Трамп, Шји го поздрави „охрабрувачкиот напредок“ постигнат минатата недела од делегациите на Вашингтон и Пекинг и најави подготвеност за соработка.
„Кина и САД треба да бидат партнери и пријатели, да останат на вистинскиот пат и да обезбедат стабилно пловење и постојан напредок на џиновскиот брод на кинеско-американските односи. Нашите тимови постигнаа основен консензус за решавање на нашите главни загрижености и охрабрувачки напредок. Подготвен сум да продолжам да работам со вас за да изградам солидна основа за односите меѓу Кина и САД и да создадам здрава атмосфера за развој на двете земји“, кинескиот претседател, Шји Џјинпинг.
Пробивот во разговорите меѓу двете најголеми светски економии доаѓа по месечната трговска војна која ескалираше по воведувањето нови глобални ограничувања за ретките минерали од страна на Пекинг и заканувачкиот одговор на Трамп за зголемени царини за кинеските производи. Средбата во Бусан го означи финалето на бурната азиска турнеја на американскиот претседател кој најави нова средба со кинескиот колега во април.
Бојана Крстевски
