ИЈЗ

Зголемен број заболени од грип во споредба со минатата сезона

30.10.2025 10:09

Најмногу заболени се регистрирани во Гостивар (20 случаи), потоа во Куманово (15), Прилеп (7), Тетово и Радовиш (по 5), и Струмица и Македонски Брод (по 2 случаи).

Во земјава е забележан раст на бројот на заболени од грип и заболувања слични на грипот во споредба со истиот период од минатата сезона, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во текот на 43. недела од оваа година (20–26 октомври), регистрирани се 56 случаи на групни пријави, што е намалување од 32,5 проценти во однос на претходната недела, но зголемување од 33,3 проценти споредено со истиот период лани, кога биле евидентирани 42 заболени лица.

Најмногу заболени се регистрирани во Гостивар (20 случаи), потоа во Куманово (15), Прилеп (7), Тетово и Радовиш (по 5), и Струмица и Македонски Брод (по 2 случаи).

Според возрасната структура, најголем дел од заболени се лица на возраст од 15 до 64 години (48 случаи), потоа над 65 години (5 случаи), од 5 до 14 години (2 лица) и едно дете под 4 години. Пријавената инциденца е под сезонската граница на активност на вирусот, односно сè уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

Од почетокот на сезоната 2025/2026, вкупниот број на заболени изнесува 244 лица, што претставува зголемување од 64,9 проценти во однос на истиот период минатата година, и раст од 21,9 проценти во однос на моделот за последните 15 сезони.

Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најдобрата заштита, особено за ризичните категории – постари лица, хронични болни, бремени жени, деца од 6 до 59 месеци и здравствени работници.

Според податоците на Управата за електронско здравство, до 26 октомври вакцинирани се 31.289 лица од ризичните категории со бесплатни вакцини.