Кандидатите на СДСМ продолжуваат со кампањата
Доаѓа времето кога мора да направиме избор меѓу личност, човек и партија и судбината и иднината на нашите деца, рече кандидатот за градоначалник за Конче од СДСМ, Благој Илиев. Кандидатот за градоначалник на Центар, Горан Герасимовски ја доби поддршката од Здружението на пензионери во општината за новата програма која предвидува изградба на дом за стари лица во кој највозрасните ќе можат да домуваат по субвенционирана цена...

По 4 години да ја промениме оваа општинска власт во Конче. Да одбереме достоинство и иднина, да направиме вистинска промена за доброто на сите и за нашите деца. Доаѓа времето кога мора да направиме избор меѓу личност, човек и партија и судбината и иднината на нашите деца, рече кандидатот за градоначалник за Конче од СДСМ, Благој Илиев. За разлика од актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ кој не направи ништо и покрај парите од 4 до 5 милиони евра од концесијата за рудникот Боров дол, Илиев додаде дека во неговиот мандат во Конче се изградиле нова градинка и спортска сала, се набавиле нова механизација и возила, се изградиле и реконструирале локални патишта и бушотини за вода. Кандидатот за градоначалник, ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на гласање и како што рече, повторно да му ја дадат довербата за програмата што ја нуди.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче порача дека жителите во Конче најдобро ја препознаваат разликата меѓу работата на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Благој Илиев, и актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ. Тој додаде дека по мандатот на Илиев, разликата во начинот на управување е повеќе од очигледна.
Кандидатот за градоначалник на Центар, Горан Герасимовски ја доби поддршката од Здружението на пензионери во општината за новата програма која предвидува изградба на дом за стари лица во кој највозрасните ќе можат да домуваат по субвенционирана цена.
СДСМ оцени дека ВМРО-ДПМНЕ сака повторно да ја врати Македонија во времето на страв, на уцени и притисоци, но граѓаните нема да потклекнат. Остро ги осудија како што велат од партијата, притисоците врз граѓаните во текот на кампањата, потенцирајќи дека власта на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заплаши луѓето преку институциите. Повикаа на 2-ри ноември, граѓаните масовно да излезат на гласање и ја одберат опцијата која исполнува ветувања.
Ирина Гелевска
