САД и Кина ги надминаа пречките околу трговскиот спор
САД и Кина постигнаа примирје во трговската војна. По средбата во Јужна Кореја, претседателот Трамп најави нов договор-Вашингтон ги намалува царините, а Пекинг продолжува со купување соја, извоз на ретки минерали и борба против нелегалната трговија со фентанил. Имаме договор, сите ретки минерали се решени-истакна Трамп по средбата со Ши…

САД и Кина ги надминаа пречките околу трговскиот спор. По средбата на американскиот претседател Трамп со неговиот кинески колега Џинпинг во Јужна Кореја, шефот на Белата куќа објави дека постигнале нов трговски договор кој наскоро ќе биде потпишан. Вашингтон ги намалува царините за кинескиот увоз од 57 на 47 насто, за возврат Пекинг да продолжи да купува соја од САД, да го одржи извозот на ретки минерали и да се справи со нелегалната трговија со фентанил.
„Беше неверојатен состанок. Донесени се многу извонредни одлуки. Не остана многу. Кина ќе почне да купува големи количини соја, ќе работи напорно за да го запре протокот на фентанил. Разговаравме за чипови. Имаме договор. Сега, секоја година, ќе преговараме за договорот, но мислам дека тој ќе трае долго. Сите ретки минерали се решени. Навистина може да се каже дека ова беше светска ситуација-пречката е исчезната“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
На средбата со Трамп, Ши го поздрави „охрабрувачкиот напредок“ постигнат минатата недела од делегациите на Вашингтон и Пекинг и најави подготвеност за соработка.
„Нашите тимови постигнаа основен консензус за решавање на нашите главни загрижености и охрабрувачки напредок. Подготвен сум да продолжам да работам со вас за да изградам солидна основа за односите меѓу Кина и САД и да создадам здрава атмосфера за развој на двете земји“, изјави Ши Џинпинг, претседател на Кина.
Пробивот во разговорите меѓу двете најголеми светски економии доаѓа по месечната трговска војна која ескалираше по воведувањето нови глобални ограничувања за ретките минерали од страна на Пекинг и заканувачкиот одговор на Трамп за зголемени царини за кинеските производи.
Бојана Крстевски
