Локални избори 2025

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници ја продолжуваат кампањата

30.10.2025 17:06

Низа инфраструктурни проекти ветуваат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за Аеродром и Пробиштип…

Кандидатот за градоначалник на општината Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ убеден дека и во вториот круг од локалните избори ќе ја добие поддршката од мнозинството граѓани. Повика на масовна излезност во недела, бидејќи според него тоа е единствен начин за да се продолжат проектите кои ќе значат развој на Аеродром. Најави дека во неговиот четиригодишен план за работа, има изградба на низа капитални проекти, изградба на училишта, спортска сала, отпочнати се и реконструкции на улици и водоводи за да се создадат подобри услови за живот. Митески ветува дека во соработка и со новиот градоначалник на Градот Скопје ќе се стави крај и на комуналниот хаос, а ќе има и повеќе комунални редари како и зголемени контроли низ општината.

За Аеродром, кандидатот за градоначалник Митески планира и изградба на ново кино и театар, нови сообраќајни решенија, со што улиците ќе станат поуредени, побезбедни и попрактични.

Неговиот колега од Пробиштип, кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски вели дека се кандидира за оваа функција затоа што гледа дека во изминатите осум години општината тоне во апатија, безидејност, без ниту еден капитален проект, без ниту една поголема инвестиција, без економски развој, без инвестиции во животната средина, во квалитетот на живеењето, во младите, во образованието и во спортот. Тоневски ветува дека во неговата програма има предлози и решенија како да се надминат овие состојби. Најави дека ќе се санира јаловишната депонија во Пробиштип, проект кој бил изготвен во 2016-та година.

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Пробиштип ветува пречистителни станици за отпадни води, поставување на мерни станици на повеќе локации за да се мери квалитетот на воздухот, изградба на паркови, зеленила за подобрување на квалитетот на животната средина во Пробиштип.

Викторија Милевска