Реакции по објавата на Трамп за нуклеарни тестови
Трамп му наложи на Пентагон веднаш да почне со нуклеарни тестови за да можат САД да држат чекор со другите нуклеарни сили, директно наведувајќи ги Русија и Кина.

Генералниот секретар на ООН предупредува на ризиците, откако шефот на Белата Куќа сугерираше дека САД ќе продолжат со тестирање на нуклеарно оружје. Трамп му наложи на Пентагон веднаш да почне со нуклеарни тестови за да можат САД да држат чекор со другите нуклеарни сили, директно наведувајќи ги Русија и Кина.
„Генералниот секретар постојано кажува дека моменталните нуклеарни ризици се веќе алармантно високи и дека мора да се избегнуваат сите дејствија што би можеле да доведат до погрешна пресметка или ескалација со катастрофални последици“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на генералниот секретар на ООН.
Пекинг очекува Вашингтон да го почитува договорот за неширење на нуклеарното оружје. Од Москва не веруваат дека почнува нова трка за вооружување. Речиси три децении ниту една од трите големи нуклеарни сили не спровела нуклеарен тест. Сепак, земјите продолжуваат да развиваат и да тестираат системи за испорака на нуклеарни боеви глави.
