Последен ден од изборната кампања – на полноќ почнува молкот пред вториот круг
Денеска завршува кампањата за вториот круг од локалните избори 2025 што ќе се одржат в недела, на 2 ноември. Граѓаните во 32 општини и во Градот Скопје повторно ќе излезат на гласање, а на полноќ започнува изборниот молк кој ќе трае до затворањето на избирачките места во недела вечер...

Денеска завршува изборната кампања за вториот круг од локалните избори 2025, кои ќе се одржат в недела, на 2 ноември. На полноќ почнува изборниот молк што ќе трае до недела во 19 часот.
Граѓаните ќе избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, а ќе се прегласува за членови на Совет на три избирачки места во општината Шуто Оризари. Во сабота, први ќе гласаат болните и изнемоштените лица, затворениците и оние во домашен притвор со прифатени пријави од општинските изборни комисии.
Во Скопје право на глас имаат 474.304 избирачи, кои ќе се изјаснат меѓу кандидатите Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и Амар Мециновиќ од Левица.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше гласање нема да има поради недоволен цензус во првиот круг. Во нив ќе се спроведе нова постапка по завршување на изборниот процес и објавувањето на конечните резултати.
Во првиот круг беа избрани советници во 79 општини и во Градот Скопје, како и градоначалници во 44 општини кои веќе ги презедоа функциите.
